Позитив на денот!
Малата Дарија на својот прв официјален преглед во Клиничка болница Аџибадем Систина.


Пријатели, овој мал борец во изминатиот месец неуморно и секојдневно ни ја покажуваше вољата за живот, родена во 31вата гестациска недела, како првородено дете на мама Александра и тато Мартин тежеше 1.680грама.Како и секое предвреме родено дете, така и на Дарија неопходна и беше медицинската потпора, да се преброди кризниот период. Уште од самиот почеток недвојбено покажуваше дека е борец, самостојно вдишувајќи го секој момент од за неа НОВИОТ ЖИВОТ во првите два дена. Со секоја нејзина гестикулација не учеше на тоа што всушност претставува вистинска одлучност да се живее!! Таа заедно со тимот на неуморни, и исклучително посветени доктори од Аџибадем Систина ги водеше сите битки кои живот значеа. Поддршката и финансиското ослеснување е на сметка на Фондацијата Илија Камчев, која без двоумење и со огромно задоволство го поддржа престојот на малата Дарија со плаќање на половина од сумата (481.421,00 денари)
Денеска сите заедно се радуваме и говориме за заеднички постигнатиот успех. Дарија тимот на Аџибадем Систина, и тимот на Фондацијата Илија Камчев, ти посакуваат многу здравје, и среќно и безгрижно детство!








Социјално загрозените со можност за вработување


Пазарот на трудот во Р. Македонија се карактеризира со висока стапка на долгорочно невработени граѓани, која е директен резултат на недостиг од соодветни вештини. Со цел интеграција на сегмент од овие граѓани на пазарот на трудот, фондацијата „Илија Камчев“ отпочна едукативен проект за претквалификација и доквалификација на самохрани мајки и мајки од социјално загрозени семејства. Главна цел на овој проект е интегрирање на самохраните мајки и мајките од социјално загрозени семејства на пазарот на трудот во Р. Македонија. Поконкретно, целта е зголемување на работоспособноста на долгорочно невработените жени, преку зголемување на нивната способност - знаење и вештини.
Проектот на Фондацијата ќе биде составен од две компоненти и ќе биде во времетраење од една година. Со првата компонента се овозможат предуслови за спроведување на обука, претквалификација и доквалификација за 30 жени. Втората компонента овозможува практична обука како поддршка за вработување, која на пријавените жени ќе им овозможи стручно оспособување во период од 3 до 6 месеци во компании со кои Фондацијата ќе склучи договор за соработка.








Стипендии за перспективните специјализанти


Фондацијата Илија Камчев има за основна цел да инвестира и помогне во неопходната едукација на млади медицински кадри. Примарна цел е, по пат на стипендирање, да помогне во создавањето нови тимови на специјалисти во медицината од областите кои се дефицитарни во Р. Македонија. Инвестицијата во едукацијата е најважна за да се постигне висок квалитет и услуга.
Со цел извршување на годишната стратегија, Фондацијата додели три стипендии за специјализација по медицина, од кои две во областа на општата хирургија и една во областа на гинекологијата и акушерството. Овие три стипендии ги добија најперспективните специјализанти кои ги исполнија утврдените критериуми на конкурсот и го поминаа процесот на селекција.
Стипендијата ги покрива трошоците за специјализација за една академската година, како и можност за бесплатно усовршување во Клиничка болница „Аџибадем Систина“. Стипендистите се водени низ посебен менторски систем кој подразбира постојана комуникација со врвен докторски тим, имајќи предност да учат од најдобрите, а по завршувањето на студиите ќе имаат приоритет за вработување.
Оваа стипендија претставува сериозна инвестиција во здравствениот систем на Р. Македонија, врз основа на светските стандарди и протоколи за лекување на пациенти.












M а к е д о н и ј а. милениумски културно - историски факти


Проектот МОНОГРАФИЈА ЗА МАКЕДОНИЈА е најголемиот проект досега за историско, научно и културно претставување на Македонија во земјата и пошироко. Капитално дело чие издавање е од врвен, јавен културно-уметнички и едукативен интерес. Фондацијата „Илија Камчев“ ја овозможи реализацијата на овој колосален авторски труд и издавачки потфат, четиритомно издание кое ќе остави видливи траги на трајните вредности за идните генерации.




Грижа кон најмладите

Фондацијата „Илија Камчев“ со грижа и кон најмладите и со цел овозможување подобри услови, даде свој придонес кон неопходната реконструкција на детскиот оддел на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје. На овој оддел се третираат деца со акутни и хронични заболувања и ургентни состојби, како деца со опструктивни дишни патишта и др.  Инвестициите и поддршката во здравствениот систем во Р Македонија е една од примарните цели на Фондацијата.




Донација за обнова на геронтолошкиот
завод „13 ноември“




Инвестициите и поддршката во здравствениот систем во Р. Македонија е една од примарните цели на Фондацијата „Илија Камчев“. Како за помладите, исто така Фондацијата ги потпомага и постарите лица, чија поддршка им е потребна. Со таа цел,  помагање во обновата на објектот Геријатрија во склоп на Геронтолошкиот завод 13 Ноември во Скопје, Фондацијата „Илија Камчев“ донираше средства за изградба и замена на веќе дотрајаните лифтови во објектот.




Донација за децата од интернатот „Гоце Делчев“ во Љубанци




Со заедничка цел да го развијат спортскиот дух, олеснат и разубават секојдневието на децата без родители и родителска грижа од интернатот „Гоце Делчев“, фондацијата „Илија Камчев“ и „Орка Спорт“, во соработка со здружението „Градиме иднина“ остварија соработка за донација во спортска опрема.
Децата без родители и родителска грижа заслужуваат детство еднакво на она кое го имаат нивните врсници, без грижи, исполнето со игра и забава.



Жирафата Орка - нов жител во ЗОО Скопје


По повеќе од 40 години Зоолошката градина - Скопје доби нов жител. Жирафата по име Орка беше топли пречекана од голем број посетители кои со нетрпение чекаа да се запознаат со нависокиот жител на Зоолошката. Орка е млад мажјак донесен од Зоолошката градина во Берлин и е донација од Фондација „Илија Камчев“.
Фондацијата одлучи да го подари ова егзотично животно кое ќе придонесе за атрактивноста на нашата Зоолошка градина и ќе претставува вистинско изненадување за сите помлади генерации.
Со инвестирањето во новите живеалишта, кои секојдневно добиваат нови жители, Зоолошката градина во Скопје го добива посакуваниот изглед на европска зоолошка градина.



Т: +389 2 3099 667

fondacija@ilijakamchev.org

ул. Скупи 3А, 1000 Скопје Р.Македонија